Документарно видео, 14,00 мин.
Идејата на ова документарно видео е да се забележи и да се сочува за наредните генерации сеќавањето за почетоците на одгледувањето на медитеранските и јужните овошни култури кои на просторите на поранешна Југославија и Македонија влегле токму преку Валандово. Всушност влезот на јужните култури во дваесетите години на минатиот век не само што ги отворил светогледите на жителите на овој крај туку значајно влијаел на севкупниот социоекономски и културолошки развој на поширокиот регион на Валандово.
Интересно е што токму заради отвореноста и историската културна диверзифицираност на Валандовскиот крај овој регион бил избран за експериментирање и подигнување на првите насади со медитерански и јужни овоштија во Македонија. Покрај видеото Локалната иницијатива предвидува и означување со информативно едукативни табли на просторот каде се наоѓал првиот расадник и првите насади како и означување на најстарите стебла на Јапонски јаболки во Македонија.
Доколку дозволат епидемиолошките услови кон крајот на летото ќе биде организирана јавна промоција на видеото и разговор за влијанието на новитетите во агрикултурата во локалниот културно развоен контекст.
Локалната иницијатива и документарното видео се продуцирани од страна на Центарот за современи уметности Скопје во соработка со Здружение Алфа Математика од с.Пирава, Валандово и Средното земјоделско училиште Гоце Делчев од Валандово.
Локалната иницијативата е финансиски поддржана од страна на Фондација Отворено општество Македонија и Министерството за Култура на РСМ.