Старата болница во Ростуше иако е објект од исклучително значење, локален споменик на културата и објект со емотивна важност за локалното население долго време е оставен на забот на времето и се наоѓа во очајна состојба. Кровот е урнат пред 10-тина години а околината на болницата (дворот) беше целосно запуштен, зараснат и претворен во ѓубриште. Идејата на оваа иницијатива е да се уреди и расчисти просторот околу старата болница и овој дел да се направи достапен за посетители и да се врати во функција како јавен простор. Истовремено на самата болница ќе бидат поставени фотографии и објаснувања како функционирала и како изгледала старата болница некогаш. На просторот се поставени и две дијарами на кои над сегашната состојба се исцртани контурите и деталниот архитектонски облик на некогашната болница. Просторот ќе биде озеленет а ќе бидат поставени и клупи за одмор.
Објектот на старата болница во Ростуше бил подигнат во 1929 година во време на Кралството Југославија, чија власт за потребите на здравствената заштита на населението подигнала четири вакви типски објекти во Македонија (Ростуше, Кратово, Македонски Брод и Вратница). Додека работел, здравствениот објект поседувал болница на катот, како и амбулантно одделение на приземјето. Болницата била во функција до 1980 година.
Иако во изминатите десетина години имало разни напори за нејзина ревитализација и пренамена на просторот за граѓаните (во неколку наврати беа обезбедени средства за нејзина санација), негрижата и забот на времето го сторија своето. Видно оштетен објектот останува потсетник на времето и тажна слика за Ростушани.
Иницијата за уредување на просторот околу старата болница во Ростуше е спроведена од страна на Центарот за совремемени уметности Скопје во соработка со Здужението Тритон од Ростуше, Националниот парк Маврово и Општина Маврово/Ростуше.
Локалната иницијатива е финансиски поддржана од страна на Фондацијата Отворено општество Македонија