Автор: Озбег Ајваз, скулптор
Скопското корзо и начинот на живот претставува инспирација за голем број уметници а уште повеќе буди носталгија и убави спомени кај голем број Скопјани. Бројни се старинските топоними и локации низ Скопје а уште побројни се приказните кои се врзуваат за нив. Една од овие приказни од поновата историја на Скопје секако е култната кафеана Опатија (денес ресторан ситиПарк во Парк на франкофонијата) како и кафеаната Кермез (денес за жал напуштено градилиште во градскиот парк) во нејзина близина. Двете локации биле дел од маршутата на Скопскиот урбан живот и забава. Според кажувањата на голем број Скопјани од повозрасната генерацијата во околината на паркот некаде на тромеѓата денеска сместена кај малиот стадион (десно о д градски стадион), Министерството за земјоделие и почетокот на Франкофонскиот парк се наоѓала микролокацијата „Две Музики“. На оваа локација јасно можеле да се слушаат двете музики – и таа од кафеана Опатија и таа од кафеана Кермез. Водени од оваа констатација заедно со младиот скулптор Озбег Ајваз кој потекнува од старо скопско семејство од Чаир решивме да развиеме уметничка интервенција токму на овој потег. За таа цел скулпторот Озбег Ајваз воден од приказните за двете музики го креираше делото Саксафонист. Делото со цел да биде што е можно поблиску до микролокацијата а сепак да „дише“ во соодветен простор е сместено во југозападниот крај на Франкофонскиот парк. Делото е со димензии 195х65х76цм и претставува полуапстрактна скулптурална изведба на саксафонист изработена од рециклирани метални елементи. Скулптурата е поставена во соработка и со согласност на Општина Центар.
Проектот е финасиски и логистички поддржан од Министерство за култура на РСМ, Општина Центар и ФООМ.