Изложбата „Химна сред урнатини“ се навраќа кон најстариот ликовен израз на претставување на акт, познат од вазното сликарство на античкиот свет, и не ја прикажува само еротичноста и сексуалноста на телото, туку, по примерот на антиката, го претставува телото како симбол на убавината, благородноста и плодноста.
Галериската поставка има цел да ги поттикне посетителите да ја преиспитаат својата перцепција на голотијата: галеријата обезбедува засебен простор каде ќе биде овозможено личното искуство на соголување – сите заинтересирани посетители ќе имаат можност пред фотографскиот објектив да артикулираат содржини со своето тело. Единствената полароид копија, секако, ќе биде само за нивните очи.
Кратка Биографија: Ѓорѓи Митревски се занимава со фотографија, колаж, сито печат и анимација и досега има реализирано повеќе самостојни изложби во Македонија, Босна, Германија, Франција, Кина и САД.