Акција на група активисти од Битола
Насилството врз Ромите во Битола помалку или повеќе со години се провлекува и е присутно во јавноста без да има сериозни реакции на надлежните институции. За жал последните напади во изминатите 2-3 месеци, во кои без особена причина брутално беа претепувани припадници на ромската заедница, беа направени од страна на униформирани полициски службеници на должност од полициската станица Битола. Тоа е непростливо и не треба да се премолчи! Секој граѓанин треба да го осуди и да се бори против ваков тип насилство!
Токму затоа група активисти од Битола ја креираа оваа акција со цел јавно да се проговори и јавноста да се потсети дека најголем број од проблеми те со насилство врз Роми сè уште немаат разрешница. За жал Битола е еден од градовите во Македонија со највисок процент на насилство врз Ромите кои тие се жртви не само на полицијата, туку и на многумина локални насилници кои својот бес и фрустрации секојдневно ги истураат на нашите сограѓани Роми.
Акцијата се состои од десетина вреќи за боксирање поставени во јавен простор во градот во близина на места каде се случија последните инциденти. На вреќите како и на неколку слични реквизити, налепници и банери се испишани пораките – Ромите не се вреќи за боксирање и стоп за насилството врз Ромите. Со оваа акција активистите сакаа кај локалната јавност да се потенцира овој проблем за кој нерадо се зборува, а кој со години фрла темна сенка и срам врз Битола.