Да, добро прочитавте, стапица за антиваксери поставивме денес во Скопје во Прота Буњаковец (сквер кај КИМ). Се работи за една од низата уметнички акции на групата Урбани уметнички акции (Урбана герила), преку кои дел од македонските уметници активно се вклучуваат во борбата против лажните вести и дезинформациите.
Акцијата „Стапица за антиваксери“ е посветена на борбата со лажните вести и дезинформациите кои се однесуваат на вакцините и на тој начин претставуваат сериозна закана по јавното здравје на секој од нас. Антиваксерското движење секојдневно јакне во Македонија и регионот, и тоа главно како резултат на лажните вести и дезинформациите поврзани со вакцините, кои секојдневно ги преплавуваат социјалните мрежи и онлајн просторот. Поразителниот резултат можевме да го видиме и оваа пролет, кога Македонија беше соочена со сериозна закана од експлозија на епидемијата на болеста Големи сипаници или попозната како црна или магарешка кашлица.
Во оваа уметничка акција авторот на делото Љубиша Камењаров на свој специфичен начин користејќи аналогија на стапица за глувци на публиката и ја претставува стапицата која ја поставуваат антиваксерсите лажни вести и на која неретко се ловат лесноверните граѓани, кои не се во состојба да препознаат лажни вести.
Правејќи длабинска анализа на најчестите наративи на антиваксерите авторот ги разложува и преку факти ги побива лажните наративи и дезинформациите поврзани со вакцините, притоа користејќи релевантни податоци добиени од извори како што се Светската здравствена организација (СЗО) и Американскиот медицински журнал (American Journal of Medicine).
Акцијата/инсталацијата „Стапица за антиваксери “е просторна инсталација работена во мешани медиуми со димензии 140х200х30 цм изработена во рамките на проектот „Дезинформации – креативно замаглување на умот“, што заеднички го спроведуваат Центар за современа уметноста, СКУП – Центар за истражувачко новинарство и Националното радио Канал 77.
Проектот е подржан од Програмата за дигитален активизам на TechSoup Global.