Лагата може има разни пакувања, таа се завива во обланда, се шара, се украсува и се прави се за таа да изгледа што поубава, но сепак таа на крајот останува само лага. Затоа неретко за многу работи велиме дека се „шарени лаги“. Водени од оваа констатација и со желба колку е можно по креативно да ги предупредиме граѓаните за постоењето и штетните последици од лажните вести ја креиравме уметничката акција „Лицидерски колачиња и лажни вести – слатки лаги и горчлива вистина“, преку која ја третираме и потенцираме важноста на темата на лажните вести кои не опкружуваат и влијаат на нашите ставови и перцепции.
Во оваа акција изборот на предлошката односно лицидерсклото срце и колаче воопшто не е случаен. Овие „колачиња“ кои на големо се изработувале во периодот од крајот на 18 век па наваму во западна, централна Европа и на Балканот имале за цел да привлечат интерес и да ги залажуваат купувачите да купат нешто што им е непотребно бидејќи лицидерските колачиња во минатото иако биле „колачиња“ не можеле да се јадат бидејќи содржеле гипс за можат долго време (некогаш и со години) да ја задржат својата форма и колорит и всушност само се викале колачиња а биле ритуални сувенири и играчки.
На овој начин сакаме да ја истакнеме паралелалта помеѓу шарената лага која е добро позната и вкоренета во колективната меморија на нашите простори и лажните вести кои се присатни насекаде околу нас и често оневозможуваат цели групи и заедници да ја видат вистината, заслепувајќи ја јавноста со шарени лаги спакувани во лажни вести на кои наседнуват голем број граѓани.
Како уметничка и културна организација ние во Центарот за современи уметности сметаме дека користејќи ја уметноста и уметничкиот израз кој има моќ да влијае на перцепциите и емоциите на публиката, креативноста и уметноста треба по активно да се вклучат во борбата против лажните вести кои одвнатре го нагризуваат нашето општествто насочувајќи ги граѓаните кон погрешни заклучоци.Самата акција во своето обраќање до публиката потенцира дека лажните вести се креираат со цел да ја дезинформираат јавноста и да ги наведат луѓето на погрешни заклучоци и водат кон поларизација на општеството со цел да се предизвикаат поделби и конфликти, ширење паника,намалување на довербата во медиумите, политичка манипулацијано и де се влијание врз јавното мислење.
Делото е со димензии 500 х 200 х 300см и е поставено во јавен простор во центарот на Скопје на локацијата на малиот сквер кај Ким во порта Буњаковец.
Оваа акција е подготвена од страна на Центарот за современи уметности во рамките на проектот „Со уметност против лажни вести“, поддржан од Програмата за дигитален активизам на TechSoup Global.