Со самостојната изложба на Дејвид Стоилковски, Мобилната/Монтажна галерија доби нова уметничка димензија. На надворешните ѕидови од галеријата изработени се мурали, така што објектот нема да биде само изложбен простор, туку и активно уметничко дело во јавен простор. Наместо класична поставка внатре, Дејвид го користи надворешниот простор на галеријата како медиум за своето творештво, со што галеријата доби нова улога –комуникациска точка, инспиративен простор и жива површина што ги повикува минувачите на уметничко доживување.
Дејвид Стоилковски е дипломиран графичар и магистриран сликар на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Тој е активен уметник кој се занимава со изработка на мурали и слики, со специфичен стил кој се движи помеѓу реализам и фотореализам, со нагласена фигурација.
До денес има реализирано над 80 мурали, главно во неговиот роден град Куманово, но и во други градови низ Македонија, како и на меѓународно ниво, вклучувајќи САД, Босна и Херцеговина, Србија, Хрватска, Австрија и Црна Гора. Неговите мурали се разновидни по димензија – од мали површини до цели фасади на станбени згради. Во полето на изложбената дејност, Стоилковски има остварено две самостојни изложби и учествувано на голем број групни изложби, и во земјата и во странство. Покрај својата уметничка работа, Стоилковски е и еден од организаторите на “Графити фест – Куманово”, фестивал кој оваа година ја одбележува својата седма годишнина.
















