Гласот на Минатото – Скулптура што раскажува приказни
Делото претставува уметнички потсетник на едно време кога читањето весници беше секојдневен ритуал, а вестите се примаа со трпение, внимание и доверба во изворите. Со својата форма и порака, скулптурата ја оживува културата на внимателно информирање, која денес сè повеќе исчезнува под притисок на онлајн медиумите, социјалните мрежи и инстант информациите.
„Гласот на минатото“ не само што нè враќа во еден поинаков медиумски контекст, туку и предупредува за ризиците од брзината на современото информирање – полувистини, лажни вести и дезинформации што често се шират без проверка.


Озбек Ајваз е роден во 1999 година во Скопје, РСМ. Во 2021 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, на отсек вајарство со модул сценографија, под менторство на проф. м-р Жарко Башески и проф. м-р Беди Ибрахим. Моментално е на магистерски студии на истиот факултет, отсек вајарство, под менторство на проф. м-р Жарко Башески.
Неговото творештво се карактеризира со скулптури изработени претежно од рециклирано железо, во апстрактни и геометриски форми, под влијание на Пабло Пикасо, Александар Архипенко, Марсел Дишан и Џулио Гонзалес.
Во 2023 година, во Паркот на франкофонијата, ја реализира својата прва самостојна изложба „Мрак“. Во периодот од 2019 до 2025 година учествува на повеќе групни изложби, симпозиуми и ликовни колонии во Македонија, Турција, Косово и Црна Гора. Добитник е на наградата за надежен млад уметник (Истанбул, 2021) и на наградата „Шампион на мирот“ (Regional Youth Cooperation Office – RYCO, 2024), финансирано од Германското федерално министерство за надворешни работи. Од 2023 година е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ).













