„Облици на сеќавањето“ е проект кој претставува современ дијалог меѓу традицијата и иднината. Колекција накит што ја спојува рафинираната прецизност на македонскиот филигран со идеологијата на одржливост. Со користење на рециклирани материјали како отпаден кориан, Бранка Данчевска ја преиспитува врската меѓу вредноста која самите му ја даваме на накитот, материјалот и рачната изработка.



Во време кога светот мора повторно да размисли за создавањето и потрошувачката, нејзината практика се стреми кон обнова, кон претворање на заборавените фрагменти во нешто ново, елегантно и значајно.
Колекцијата стои на границата меѓу наследство и иновација, носејќи ја идејата дека убавината може да произлезе од одговорност, а традицијата да биде водилка кон поодржлива иднина.
Бранка Данчевска е македонски дизајнер на накит која го гради својот уметнички израз преку спој на традиционални техники и современи форми на накит, со главен фокус на користење материјали кои се рециклираат. Повеќе од 20 години самостојно дизајнира и изработува уникатен накит.
Во текот на својата кариера има реализирано повеќе самостојни и групни изложби во Македонија и странство, како и учества на меѓународни проекти и симпозиуми за накит. Нејзиниот пристап се карактеризира со континуирано истражување и примена на нови материјали и техники, што резултира со автентичен и препознатлив стил.












