По долгогодишна односно повеќе децениска пауза локалниот музички ансамбл составен од хор и оркестар Распеани Дојранчани повторно е возобновен во рамките на локалната иницијатива: Возобновување на Распеани дојранчани. Овој состав кој во минатото бил надалеку познат по своите музички квалитети и негувањето на изворната и автентична музика од македонскиот југ полека но сигурно се враќа на културната сцена.
Она што е интересно е дека некои од членовите кои во младоста биле дел од ансамблот повторно сега во своите пензионерски денови се активни членови на ансамблот. Во моментов Распеани дојранчани е составен воглавном од музички аматери и пензионери од Стар и Нов Дојран и околните населени места. Хорот и оркестарот во изминатиов период обработија (музичко сценски и кореографски) петнаесетина нумери, а во соработка со Општина Дојран и Здруженито на пензионери од Дојран набавени се нови костими и инструменти за ансамблот Распеани дојранчани. Од август до октомври 2021 г. реализирани се повеќе настапи на хорот во рамките на разни манифестации и еден помал самостоен камерен концерт во Нов Дојран. Досега реализрани настапи: 02 август 2021 г. во 20.00ч. во с. Фурка, 18 август 2021 г. во 20,00 ч. во Стар Дојран, 28 август 2021 г. во 20,00 ч. во Нов Дојран. Самостоен камерен концерт се оддржа во септември 2021. Со оглед дека настапите се реализираа во екот на туристичката сезона кога Дојран е посетен од голем број туристи, на настапите беше присатна многубројна публика од сите возрасти почитувајќи ги сите протоколи за Ковид 19.
Возобновувањето на ансамблот Распеани дојранчани и неговите настапи се поддржани во рамките на проектот: Креативни заедници – локални културни иницијативи во заедниците, имплементиран од Центар за современи уметности Скопје. Локалната иницијатива е реализирана во соработка со Здружението на пензионери од Дојран.