Повик за учество во проектот – Скулптурални инсталации / Топоними
Центарот за современи уметности – Скопје објавува повик до визуелните уметници/скулптори за учество и соработка во рамки на проектот „Скулптурални инсталации / Топоними“.
Во рамки на проектот ќе бидат избрани и реализирани две скулптурални инсталации во јавен простор – една во Скопје и една во друг град во Македонија. Скулптуралните инсталации/Топоними треба да бидат изработени од трајни материјали.
Пријавата се поднесува преку e–mail: scca@scca.org.mk или nikola@scca.org.mk,
најдоцна до 25 Мај 2026 год.
Заинтересираните уметници можат да аплицираат индивидуално или како група.
Буџетот за изработка на едно дело изнесува 150.000 МКД (бруто износ).
Уметниците доколку сакаат можат да обезбедат и дополнителни средства од локални донации во износ не поголем од 50% од вкупната сума.
Проектот „Скулптурални инсталации / Топоними“ е насочен кон создавање уметнички интервенции во јавен простор кои произлегуваат од локалниот контекст, културното наследство и колективната меморија на луѓето и заедниците. Идејата на овој проект е да отвори истражувачки процес што вклучува културолошки, антрополошки и историски аспекти во развивањето на идеите, Притоа избраните автори ќе имаат дополнителна стручна поддршка од ЦСУ да ги доразвијат современите интерпретации на локалните приказни кои се битни и препознаени од заедниците од каде што тие приказни/топоними/локални вредности или реткости потекнуваат. На овој начин сакаме да придонесеме кон создавање дела кои заедниците ќе ги препознаат како ним блиски и релевантни, и кои носат и создаваат потенцијал за нови понатамошни културни, туристички и креативни интерпретации.
Проектот ја третира уметничката инсталација и скулптурата не само како естетски објект, туку како културен производ со сопствен наратив и потенцијал за мултиплицирање во различни форми.
Се охрабруваат уметниците кои живеат или делуваат надвор од Скопје, како и оние кои се заинтересирани за работа во јавен простор, соработка со заедници и социјално ангажирана уметност да се пријават на овој повик.
Процес на работа
Во текот на 2026 година, избраните уметници ќе поминат низ процес кој вклучува:
- истражување на локален контекст
- ко-креација со заедницата
- менторска, техничка и административна поддршка од ЦСУ
- продукција и јавно поставување на делата (најдоцна до крај на октомври 2026та)
Информативна сесија
Првата информативна сесија ќе се одржи на 05.05.2026 во 19,00 ч. во Мобилната/Монтажна галерија на ЦСУ во Скопје.
За заинтересираните уметници од други градови кои не се во можност да дојдат ќе биде обезбеден и онлајн (Zoom/Google meet) пристап а линкот ќе биде објавен на Facebook и Instagram страницата на ЦСУ – Скопје, 2 дена пред информативната сесија.
Целта на инфосесијата е подетално запознавање со концептот на проектот, методологијата на работа, како и можностите за вклучување. Воедно, ќе се презентираат и дел од истражувањата на ЦСУ-Скопје поврзани со локалните културни вредности, а ќе се отвори простор за размена на идеи и иницијални предлози.
Начин на аплицирање
Сите заинтересирани уметници/групи можат да аплицираат со пополнување на формулар –Пријава (достапен на www.cac.org.mk), заедно со скица и визуелен материјал на предложената идеја, цртеж со приближни димензии на делото, портфолио и биографија на авторот/авторите.
За дополнителни информации, контактирајте нè на scca@scca.org.mk или на телефон 070 270 064.
Проектот е финасиски поддржан од Министерство за култура и туризам на РСМ, од програмата за развој на Креативни индустрии во 2026.













